Општо за ИМКА
Општо за ИМКА
ИМКА е интернационална, волонтерска, невладина, непрофитабилна, екуменска, младинска организација независна од политика и религија. ИМКА е распространета во 125 држави ширум светот и има над 45 000 000 членови. Во моментов ИМКА е една од најголемите младински организации во светот. Седиште на Светската Алијанса на ИМКА е Женева, Швајцарија, а на ИМКА Европа во Прага, Чешка. ИМКА Европа се состои од 40 движења (држави) и има над 6 800 локални асоцијации. ИМКА Европа се протега од Азорските Острови на запад до Новосибирск на исток и од Малта на југ до Поларниот Круг на север.
ИМКА преку своите програми цели кон целосна изградба на младиот човек (духовно, ментално и телесно). Свесноста за формирање на идните генерации како приспособливи, толерантни, луѓе кои ги разбираат и помагаат своите ближни, му дава на ИМКА силна мотивација да продолжи да го следи патот кој го започна пред повеќе од 150 години. Дека е на вистинскиот пат во сопствените обиди покажуваат бројните волонтери кои му се приклучуваат на Организацијата секоја година.
Во различни држави ИМКА е позната под различни имиња зависно од нивното говорно подрачје. Во Македонија и други држави во Југо-Источна Европа е позната како ИМКА. Симболот на ИМКА е црвениот рамностран триаголник со девизата "за здрав дух, ум и тело".
Поле на работа
ИМКА им служи на луѓе од различни возрасни групи, различни приходи, способности, раси и религии. Поврзани со единствена цел, секоја единка на ИМКА функционира независно, притоа одговарајќи на потребите на заедницата. ИМКА денес е вклучена во речиси сите области на општествениот, економскиот и културниот живот. Нејзината распространетост по целиот свет и овозможува во разни делови на светот да се фокусира на различни проблеми на луѓето што е специфичност исклучиво за ИМКА. Во овој контекст ќе наведеме дел од полињата во кои работи:
- Еднакви права и можности за сите и градење за праведно човечко општество кое се базира на мир, љубов и толеранција;
- Развивање на Христијанските вредности кај младите низ културата, спортот и рекреацијата и други програми ;
- Развивање на личноста како целина (телесно, умствено и духовно);
- Оспособување на младите за преземање на поголеми обврски, но и одговорности;
- Заштита на правата на жените и децата;
- Нудење на решенија за пороците кои се составен дел од современиот начин на живот;
- Помош на стари и изнемоштени лица, лица со посебни потреби, бездомници и сл.;
- Помош и работа со лица со хендикеп;
- Солидарност со сиромашните, етнички, расно и религиозно угнетените;
- Негување дијалог, разбирање и соживот помеѓу луѓето од различна вероисповед и идеологија како и посредување и помирување во конфликтни ситуации;
- Зачувување на семејството како основна клетка на општеството;
- Заштита на природните богатства и зачувување на здравата животна средина;
- Борба против невработеноста и др.
Сево ова ИМКА движењето го реализира директно и непосредно преку своите членови.


