Историја на ИМКА

 

Сликата од левата страна е обид да се прикаже богатата историја на ИМКА на еден пократок и визуелно поинтересен начин.

Доколку сакате да ја погледнете, кликнете тука за слика со голема резолуција.

Доколку пак преферирате повеќе податоци и детали во врска со историјата на ИМКА, тогаш можете да го прочитате следниот текст подолу кој е среден по хронолошки редослед на настаните.

Доколку пак повеќе сакате визуелен приказ погледнете ја галеријата или пак видеото.

 

1844 - Џорџ Вилијамс (23 год.) заедно со уште дванаесет врсници ја создава ИМКА во Лондон. Со тоа тие ја востановија најстарата невладина, младинска и волонтерска асоцијација во светот. Тоа беше реакција на младите луѓе на големите промени во општеството во периодот при крајот на Индустриската револуција како на пример: навалата од пороци од секаков вид, распуштеност, атеизам, комар, влошување на животните услови, губењето на вредностите и влошувањето на социјалните односи помеѓу луѓето, како и исполнување на слободното време на младите луѓе на корисен начин;

1851 - ИМКА идејата се популаризира. Велика Британија има преку 2 700 членови во 24 асоцијации. ИМКА е формирана во С.А.Д. која основа фитнес, гимнастички и други спортски центри. Во рамките на нивните програми се основани бројни нови спортски игри меѓу кои и популарните кошарка (1891) и одбојка (1895);

1852 - Првиот Генерален Секретар на ИМКА во Женева е Анри Динан. Тој е идниот основач на "Црвениот Крст". Во 1901г. тој ја добива Нобеловата награда за мир;

1855 - Се формира Федерација на ИМКА (подоцна Светска Алијанса на ИМКА) на Првата Интернационална Конференција на ИМКА во Париз, Франција. Мисијата која Светската Алијанса на ИМКА ја презеде е изразена низ нејзиното мото земено од Библијата: “за сите да бидат едно” (Јован 17, 21). Обврската која ИМКА си ја презеде беше да работи со сите луѓе без разлика на нивната расна, полова, религиска и културна нееднаквост;  

1859 - За првпат во историјата во некои програми рамноправно со мажите учествуваат и жените;

1860-1890 - Брз прогрес на ИМКА во С.А.Д. (Создадени се спортски центри за младите, библиотеки, работилници и сл.);

1885 - Самер Дадли од С.А.Д. го организира првиот камп што подоцна се распространи насекаде во светот во рамките на ИМКА и пошироко;  

1889 - Црвениот триаголник стана официјален симбол на Организацијата. Тој ги изразува основните заложби на ИМКА: хармоничен развој на човекот на духовен, ментален и физички план. Тој беше осмислен од страна на Др. Лутер Гулик, Претседател на Факултетот за Физичко Образование на Колеџот во Спрингфилд С.А.Д.;  

1891 - Џејмс Најсмит, инструктор во ИМКА Тренинг Колеџот во Спрингфилд, Масачусетс (С.А.Д.), ја создава кошарката која се прошири низ сите колеџи и кампови на ИМКА во С.А.Д., а потоа и низ целиот свет;

1894 - (50год. од формирањето на ИМКА) Џорџ Вилијамс ја добива титулата “Сер” за животно дело од англиската кралица Викторија;

1895 - Вилијам Г. Морган, инструктор по физичко воспитание во Масачусетс (С.А.Д.), ја создава одбојката како игра за рекреација во камповите на ИМКА која потоа се шири низ целиот свет;

Генерално, крајот на 19от век значеше и фокусирање на ИМКА кон пошироко поле на активности така што од претежно добротворна и хуманитарна Христијанска организација стана организација со широко поле на активности меѓу кои: театарски изведби, филмски проекции, кампови, бројни спортски активности и др.;

1905 - Во Париз, Франција се прослави 50 годишнината на Првото Собрание на Светската Алијанса на ИМКА. Тоа е и последниот официјален настан на кој зема учество Сер Џорџ Вилијамс (84 год.) кој еден месец подоцна почина;

1914 - ИМКА е активно вклучена во Првата Светска Војна како волонтерска организација која се финансираше од јавни донации за разлика од другите кои беа финансирани од владини извори; 

1900-1920 - ИМКА се распространува на Балканот;

1926 - Според направените истражувања ИМКА брои преку 10 000 асоцијации и преку 1 700 000 членови низ целиот свет;

1939-1945 - ИМКА е активно вклучена во Втората Светска Војна при што акцентот беше ставен на работата со бегалците и раселените лица. Исто така ИМКА зеде активно учество во снабдувањето на трупите со храна и лекови (отворање на мобилни кантини и болници) и сл.;

1946 - За својата работа насочена кон воените заробеници во текот на двете Светски Војни, тогашниот Претседател на ИМКА Др. Џон Мот ја добива Нобеловата Награда за Мир;

1948-1960 - ИМКА игра главна улога при развивањето на младинските и социјалните програми ширум светот. ИМКА активно е инволвирана во работата со млади и заштитата на правата на децата, хендикепирани, стари и изнемоштени лица, бездомници, лицата со посебни потреби, поткрепа за родителите и фамилиите и сл.;  

1970тите - Нагло се зголеми интересот за ИМКА и разните можности кои ги нуди како организација присутна ширум светот;

1973 - Формирана е ИМКА Европа;

1973 - Шестата Светска Конференција на Светската Алијанса на ИМКА се одржа во Кампала (Уганда) на која се донесоа едни од основните принципи за ИМКА;

1980тите - ИМКА се фокусира на борба за правата на децата, детските кампови и сл. кои се приоритет и денес;

1982 - За помагање на програми за бегалци ИМКА добива специјално признание од Организацијата на Обединетите Нации (О.О.Н.);

1989 - По падот на социјализмот следи масовна обнова на ИМКА во Југо-Источна Европа;

1990тите - Во втората половина на деведесеттите, новите ИМКА асоцијации, оние од Југо-Источна Европа стануваат мотор на ИМКА движењето во Европа. Нови луѓе, нови идеи, нови пристапи (кои се различни од дотогашните на западниот свет), нови програми и сл. придонесоа ИМКА движењето во Европа да постане многу пофлексибилно и поразновидно. Ако во политичка смисла Европа се уште не е обединета и треба уште време за тоа, ИМКА Европа тука е чекор понапред опфаќајќи ги националните движења на скоро сите држави од Европа;

1998 - На 14тото Генерално Собрание на Светската Алијанса на ИМКА во Фречен се усвои уште еден стратешки документ за ИМКА движењето "Предизвик 21" кој претставува и визија на организацијата за периодот кој доаѓа;

2002 - Како резултат на 15от Светски Собир на ИМКА во 2002, Светската Алијанса на ИМКА ја лансира иницијативата наречена Глобален Оперативен План (ГОП) за организационо јакнење. Целта на организационото јакнење е да им се помогне на ИМКА асоцијациите на локално, национално и регионално ниво со цел поефикасен одговор на потребите на општеството;

2003 - Прослава на 30 годишнината од формирањето на ИМКА Европа. По тој повод во Август во Прага, Чешка, се одржа еднонеделен Фестивал на кој присуствуваа скоро 8 000 членови на ИМКА од цела Европа, но и гости од другите краишта на светот. Мотото на Фестивалот беше „Инспирирани да Служиме“. Волонтери од ИМКА Македонија беа дел од тој настан.

2005- Обележана 150 годишнината од Париските Основи со прослави во Париз и насекаде во светот.

 

Одејќи по вистинскиот пат ИМКА понатаму продолжува да ја пишува историјата.